Во секој спорт, комуникацијата помеѓу играчите е приоритет. Не само помеѓу соиграчите, туку и читањето на противникот е голем предуслов за успех. На пример, тренерите кои идентификувале слабости во стилот на игра на противникот, често користат тактички замки (бегаат од стандардната тактика) и со тоа го изненадуваат противникот, односно го користат недостатокот на комуникација помеѓу противничките играчи, а со тоа и можноста за брза реакција на промените од нивна страна.
Вербална и невербална комуникација
Во спортот, исто како и во секојдневниот живот, постои вербална и невербална комуникација. Кога играчите помеѓу себе комуницираат вербално, тие стануваат предвидливи за противникот, бидејќи тој ги слуша нивните намери и цели. Затоа, идеално е кога тие се користат со невербалната комуникација, а тоа значи дека тие разменуваат информации прегу говорот на телото.
Но невербалната комуникација помеѓу играчите некогаш е многу повеќе од тоа. Таа се сведува на правење на потези кои се изведуваат несвесно од играчите.
Несвесна визуелна перцепција
Луѓето во главно се базираат на тоа што го гледаат со очите, бидејќи тие знаат што свесно гледаат. Но, некои истражувања покажуваат дека визуелната перцепција е само врвот на сантата мраз, односно луѓето несвесно гледаат многу повеќе. Најдобар начин да се објасни ова е следниов пример: Си одите дома по одигран натпревар. 30-45 минути несвесно се движите по добро познатиот пат до вашиот дом, додека свесно во главата се навраќате на натпреварот и на сите шанси кои сте ги имале во него. Кога ќе наближите до вашиот дом, одеднаш согледувате дека вие несвесно сте стигнале дома, односно несвесно сте се движеле половина час. Како е тоа можно?
Несвесното одење низ добро познатите улици, не е исто што и одење по тие исти улици со заврзани очи. Додека одејќи свесно во вашите мисли се навраќавте на моментите од натпреварот, вие несвесно примавте визуелни информации од патот: светлата на автомобилите, семафорите и покрај тоа што вашата свест беше окупирана со нешто сосема друго. Всушност додека се движевте вие гледавте нешта без да ги погледнувате.
Овој практичен пример ја докажува важноста на несвесната визуелна перцепција за време на натпреварот, која е важна информација доколку сакате да тренирате спортисти. Преведено во спортски жаргон сето горе објаснето би изгледало вака: несвесната и невербална комуникација со соиграчите или противниците, е најважниот извор на информации за секој играч. Наредното прашање е како да се тренира овој процес?
Несвесно читање на говорот на телото на соиграчите
Играчите кои повеќе години тренираат заедно, се повеќе или помалку предвидливи едни кон други. Тие однапред знаат што ќе направи нивниот соиграч во одредена ситуација во текот на натпреварот. Заради стотиците па и илјадници часови заеднички тренинг десниот бек несвесно знае што ќе направи десното крило во дадената ситуација за време на натпреварот. Со тек на време тој веќе ги има запаметено патеките кои вообичаено ги прави неговиот соиграч додека трае натпреварот. На пример: доколку тежиштето на телото на соиграчот е према напред тоа значи дека тој бара топката да му биде додадена во рацете. Од друга страна доколку тежиштето на телото е према назад, тој бара топката да му биде дадена во простор.
Кој е најдобар начин да се тренира несвесната, невербална комуникација помеѓу соиграчите? Со други зборови, како може тренерот да ја подобри способноста на своите играчи полесно да го читаат говорот на телото на своите колеги, во дадени ситуации за време на натпреварот?
Одговорот е едноставен. Со позиционирање на специфични вежби. Без разлика дали планот за тренингот е вежби за додавање, позициона игра, тактика, подобрување на физички способности, или некоја друга вежба, тренерот секогаш треба да ги поставува играчите на позициите на кои тие играат, со цел покрај вежбата која ја имаат, да вежбаат и невербална комуникација преку стотиците повторувања на вежбите за време на тренинг.
Попредвидливи соиграчи
Доколку десниот бек за време на тренингот постојано е во контакт со десното крило, тој полесно ќе научи да го чита нивниот говор на телото за секоја минута која тие ја поминале заедно. Односно, тој полесно ќе ја определува патеката по која ќе се движат неговите соиграчи за време на специфичните ситуации во натпреварите. Чекор по чекор ќе го препознава нивниот говор на телото во различна ситуација. Заради тоа, тренерот полесно ќе дојде до посакуваниот резултат што го бара од играчите, тие ќе станат попредвидливи помеѓу себе, а тоа ќе резултира со помал број недоразбирања во текот на натпреварот, а со тоа и поголеми шанси за успех.
Марјан Љамчевски
Николче Костовски
Comments