top of page
Search
Writer's pictureАСК Феникс АМС

Опасно молчење

1968 година во својот говор Мартин Лутер Кинг рекол: „На крај, нема да ги помниме зборовите на нашите непријатели, туку молчењето на нашите пријатели“.


Секој ден, насекаде околу нас ги гледаме последиците на молчењето кои се манифестираат како дискриминација, непотизам, криминал и декаденција.

На тренинг, во сала ги предизвикувам моите играчи да го истражат молкот во нивните животи и празнините кои тој молк ги создава. Се трудам да работиме заедно и да ги исполниме тие празнини, да ги дефинираме, да разбереме дека можеме да не дозволиме тие празнини да бидат извор на срам.

Во напорите да во мојот клуб креирам култура на сигурност и споделување на сопствените размисли, се раководам од четири основни принципи: биди критичен, постапувај совесно, зборувај јасно и кажи ја својата вистина.


Многу често размислувам за ова последното „кажи ја својата вистина“.

Во реалниот живот, ако јас сакам моите играчи да ја говорат вистината, тогаш тоа морам да го направам прво јас и да бидам искрен со нив за моментите кога не сум успеал да го направам тоа.




Извесен период, јас и останатите во РК Феникс АМС се откажавме од зборувањето, се откажавме од здравиот разум и молчевме, сакавме да дадеме можност ете и останатите да го победат молкот кој ги обвива.


Долго време на луѓето им го кажував она што тие сакаа да го слушнат наместо она што треба да го слушнат. Не сакав да бидам ничија совест заради тоа што сеуште се обидував да ја контролирам својата. Па, понекогаш и тоа многу често не зборував ништо. Со моето молчење удоволував на незнаењето, несвесен дека нив не им требаат зборови за валидирање на нивните постапки.

Кога јавно се крадеше и се правеа секакви перверзии во ракометот, ги ставав рацете во џеб и шетав со наведната глава, како да не го забележувам тоа. Со недели замижував и не ги отворав очите пред очигледното уништување на ракометот во Македонија. Бев попосветен на креирањето на тренинзи и пишувањето на книги за кои мислев дека ќе помогнат, наместо непосредно да помогнам во спречувањето на шарлатаните да крадат и да ги уништуваат соништата на младите спортисти.


И кога ме фалеа дека сум добар заради тоа што секогаш кај нас се создаваат ракометари/ки, ја гризнував усната и молчев, заради тоа што се надевав дека конечно некој навистина ќе сака да го достигниме вистинскиот ракометен потенцијал во Македонија, дека конечно ќе поминат преку сопствената алчност и ќе ја работат работата за која се платени.

Сите ги слушаме работите кои луѓето ги говорат, а скоро никогаш не обрнуваме внимание на работите кои ги премолчуваат.


Молкот е производ на стравот. Ги крие вашите недостатоци, го пресекува вашиот јазик, го извлекува воздухот од вашите гради, па заради тоа не се чувствувате сигурно.

Молчењето го наградува непотизмот, молчењето ја „озаконува“ дискриминацијата!

Кога молчите никако и никогаш нема да ги одберете вашите битки, туку тие веќе ве избрале вас, тогаш молчењето ќе го обвие целото ваше битие.


Тогаш кога нема некому да кажете дека е лажго, дека е криминалец, тогаш нема да бидете човек, молчењето вас ве прави мртви.


Ако вие случајно сте гледале ракомет, ако случајно сте се нашле во ракометот (а за кратко и ќе си заминете) тоа не значи дека вие го разбирате ракометот, тоа не значи дека вие правите нешто корисно за ракометот. Напротив, молчењето на сите околу вас ви дава моќ да замислувате дека вашето моментално хоби и извор на криминал ве прави посебни. За жал сеуште се молчи. Вие секако би сакале тоа молчење да продолжи барем додека да се извлечете од криминалот во кој сте западнале.

Направена е криминална распределба на ваучерите за спорт!

Во повеќе наврати е прекршен законот за спорт.

Сега се обидувате да не насочите кон докажување и борба за она што ни го украдовте.

Па ние не сме просјаци!

Вие направивте криминал, а ние се бориме за расветлување на тој криминал. Враќањето на украдените пари во оштетените клубови ќе биде само производ на расветлувањето на тој криминал. Наместо да си ги корегирате постапките и одлуките, вие и понатаму надмено се обидувате да манипулирате.


Доста е!


Наместо постојано нешто да премолчувам и од нешто непрестајно да се откажувам, ќе продолжим без ни трошка усул. Во ниеден случај веќе нема да дозволам попречување и непризнавање на одработеното, никогаш веќе нема да премолчам пред криминалот кој очигледно без ни малку срам и почит се прави кај вас.

Знаете зошто, заради тоа што единствено нешто што ми треба, единствено нешто што е потребно за сите нас кои имаме барем малку разум, за да го разоткриеме и сопреме криминалот е само нашиот глас!

Николче Костовски

117 views0 comments

Comments


bottom of page